Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на денешниот петти состанок на Националната развојна стратегија истакна дека овој документ претставува еден од најважните столбови за поновата историја на државата, насочен кон долгорочно планирање во наредните две децении.
Премиерот посочи дека Македонија со години трошела премногу енергија на краткорочни решенија и импровизации поради политичките циклуси, но дека сега постои обврска за воспоставување предвидливост и јасно дефинирани национални цели.
„Имаме обврска да покажеме дека државата може да биде предвидлива, дека институциите може да работат врз основа на план, а не врз основа на импровизација, и дека развојот не смее да зависи од политичките циклуси, туку од јасно дефинирани национални цели за кои ќе постои широк општествен консензус“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека платформата на Националниот сојуз за развој успешно ги обединува институциите, науката, бизнис-заедницата и граѓанскиот сектор, каде различните перспективи се користат како предност за креирање долгорочни политики.
Во однос на оперативната работа на комитетите, претседателот на Владата соопшти дека над 1.200 претставници од разни области активно учествувале во идентификувањето на конкретни мерки, кои веќе се во фаза на реализација.
„Зад бројките што денес ги гледаме стојат стотици експерти, претставници на институции, компании, универзитети и организации, кои покажаа дека кога постои заедничка цел, тогаш може да се создадат решенија што имаат вистинска вредност за државата“, рече Мицкоски.
Премиерот нагласи дека крајниот успех на стратегијата ќе се мери според тоа колку млади луѓе ќе одлучат да останат во земјава, како и според капацитетот на економијата да отвора нови работни места и да привлекува меѓународни инвеститори.
Посебен осврт беше даден и на демографската криза, за која Мицкоски потенцираше дека не е само обична статистика, туку клучно прашање за националната одржливост на државата.
На крајот, тој порача дека денешниот годишен извештај не означува завршена работа, туку почеток на долготраен процес кој бара континуитет и политичка зрелост до 2044 година.
„Убеден сум дека доколку продолжиме по овој пат, доколку останеме посветени на реформите, на економскиот развој, на знаењето, на инвестициите и на модернизацијата на институциите, тогаш 2044 година нема да биде само бројка во една стратегија, туку година во која ќе можеме со гордост да кажеме дека сме изградиле посилна, побогата, поправедна и поуспешна Македонија“, заклучи Мицкоски.


