Премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе присуствува и ќе се обрати на свеченото отворање на првата сезона на „Плазма спортските игри за млади“. Манифестацијата, која важи за најголем спортско-аматерски настан за млади во Европа, ќе започне точно во 12:00 часот на Плоштадот „Македонија“ во Скопје.
По завршување на официјалниот дел, предвидено е премиерот Мицкоски да даде изјава за претставниците на медиумите.
На настанот ќе присуствуваат високи државни претставници, амбасадори и спортски легенди. Покрај премиерот, најавени се обраќања и на министерот за спорт Борко Ристовски, градоначалникот на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, како и на првите луѓе на Игрите и Федерацијата на училишен спорт, Здравко Мариќ и Елена Мицковска.
Официјалното соопштение ја нагласува важноста на настанот: „Програмата ќе биде збогатена со музички настапи, палење на пламенот на Игрите, видео пораки од светски спортски ѕвезди и бројни спортски активности. Ве покануваме заедно да испратиме силна порака за спортот, пријателството, фер-плејот и иднината на младите“, се вели во дописот од Федерацијата на училишен спорт.
По свеченоста, предвидени се изјави и од познати спортски ѕвезди кои се дел од оваа голема манифестација.


