Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска ќе престојува во општина Карбинци, каде ќе присуствува на пуштањето во употреба на проширениот објект на детската градинка во населеното место Таринци. Со оваа инвестиција, капацитетот на установата е двојно зголемен, овозможувајќи згрижување на вкупно 100 дечиња.

Проектот е реализиран преку заедничка соработка помеѓу централната и локалната власт. Финансиската конструкција е поделена во сооднос од 65 проценти обезбедени од буџетот на државата и 35 проценти учество на Општина Карбинци.

Од владината прес-служба посочуваат дека ова проширување е клучно за решавање на долгогодишниот проблем со простор за најмладите во овој регион.

„Вредноста на проектот изнесува 21.461.414 денари од кои 65 отсто се обезбедени од страна на централната власт, а 35 отсто од страна на општината. Со зголемувањето на капацитетот на градинката од 50 на 100 деца, листата за чекање се сведува на минимум“, информираат од Илинденска.

Exit mobile version