Премиерот Христијан Мицкоски вчера во интервју за ТВ Ора 24 истакна дека македонската економија бележи стабилен раст. „Добрата вест за граѓаните е што растеме – 2025 година ја завршивме во првите пет земји во Европа според растот на бруто домашниот производ, веднаш после Ирска, Малта, Кипар и заедно со Полска. Исто така беше и во 2024 година. Пред шест–седум години бевме на дното во регионот, а сега сме лидери“, рече Мицкоски, додавајќи дека тоа се бројки од Еуростат.

Тој посочи дека во првите два месеци од годинава се забележува двоцифрен раст на приходите во буџетот, што, како што рече, е знак дека економијата добро функционира. „Тоа значи дека се плаќа ДДВ, сивата економија се намалува, добивката и данокот на добивка се зголемени, компаниите работат и профитираат, а придонесите се повисоки, што доведе до раст на примањата на вработените за 12–13 проценти. Почетокот на годината ветува одлична економска година“, нагласи премиерот.

Мицкоски додаде дека сето тоа зависи од развојот на состојбите на Блискиот Исток и влијанието на кризата врз енергенсите и светската економија.

Exit mobile version