Премиерот Христијан Мицкоски денеска истакна дека градежништвото останува еден од најголемите контрибутори во растот на Бруто домашниот производ (БДП), одговарајќи на новинарско прашање по вчерашната средба со претставниците од овој клучен стопански сектор.
Претседателот на Владата изрази сериозно задоволство од економските параметри, потенцирајќи дека остварениот раст на БДП со усогласени вредности изнесува 3,3 проценти, со што земјава во моментов се позиционира на високото четврто место на европскиот континент.
„Јас сум задоволен што БДП со усогласени вредности е 3,3 отсто и е четврти во моментов во Европа, според податоците кои што се објавени, како процент од БДП-повторно за сите оние кои што ќе го спинуваат, како што впрочем тоа го правеа и порано. Јас сум задоволен, бидејќи седми квартал по ред ние сме просек некаде околу 3,4 во услови кога нашиот најголем трговски партнер, а тоа е Европската унија е под 1 проценти“ -изјави Мицкоски.
Мицкоски оцени дека ова е исклучително позитивен и значаен резултат за државата, потсетувајќи дека овие економски показатели веќе седми квартал по ред се официјално нотирани и објавени од страна на европската статистичка служба Евростат, а не од Владата.
Премиерот се повика и на последните податоци од Државниот завод за статистика (ДЗС), според кои во април оваа година индустриското производство забележа висок раст од 7,6 проценти во споредба со истиот месец минатата година.
Според него, ваквиот тренд во првата третина од 2026 година ја става Македонија меѓу ретките држави во Европа со позитивно индустриско производство, што придонело и за креирање на вкупно 16.000 нови работни места во првите 21 месец од мандатот на Владата.


