Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска во Скопје го промовираше Ресурсниот центар за поддршка на општините, кој ќе обезбеди стратешка поддршка, експертиза и инструменти за подобра имплементација на децентрализацијата и рамномерниот регионален развој.

Според премиерот, Центарот е одговор на реалните предизвици со кои се соочува локалната самоуправа во управувањето со ресурсите и создавањето локален економски развој.

„Зајакнувањето на општините не е трошок, тоа е инвестиција. Инвестиција во подобар живот, во одржлив развој, во стабилност на локалните заедници и во функционална држава што знае каде оди и што гради“, истакна Мицкоски.

Премиерот нагласи дека силните и стручни локални власти се најблиску до граѓаните и можат најбрзо да ги почувствуваат нивните потреби.

Мицкоски упати јасна порака до сите градоначалници:

„Разгледајте ги можностите кои ги нуди Ресурсниот центар, користете ја поддршката, побарајте експертска помош таму каде што постојат предизвици или недостиг на капацитети. Ова не е слабост, ова е мудрост во управувањето.“

Со оваа иницијатива, Владата создава алатки за трансформација на земјата во модерна и одговорна држава, која не само што ги следи европските стандарди, туку ги живее.

Exit mobile version