Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски на денешната седница за пратенички прашања истакна дека никој во оваа држава нема против користењето на албанскиот јазик, како и тоа дека оваа влада нема да им дозволи на ДУИ да играат на ситен популизам на етнички теми, сите граѓани се ценат подеднакво, а не по етничка линија, ова е нова Македонија на проекти и реформи. 

„Никој нема против користењето на јазиците во Македонија кои ги употребуваат делови од народи на одредени територии или на целата територија, во случајов албанскиот јазик, ниту пак некој некогаш го спорел тоа. Ќе дадам пример, вчера на гости беше претседателот на Швајцарската Конфедерација, и додека тој зборуваше и се обраќаше на англиски јазик во позадина превод имаше на македонски и на албански јазик. Уставот вели дека единствен јазик во меѓународна употреба е само македонскиот, па не ни пречеше. Дури и моето обраќање беше преведено на албански јазик, па не ни пречеше, и нема да ни пречи“, потенцираше премиерот Мицкоски, одговарајќи на пратеничко прашање од пратеникот од ДУИ, Блерим Беџети. 

Во однос на Законот за јазици премиерот Мицкоски нагласи дека Венецијанската комисија дава мислење и дава препорака во своето мислење во Членот 102, да се напушти примената на двојазичноста во правосудниот систем и да се вратиме на Законот за јазици од 2008 година, но и тоа дека Венецијанската комисија не дава мислење за уставноста на закон, туку дали е согласно меѓународното право. 

„Дали е законот уставен кажува Уставен суд, кој вашето мнозинство овој состав го бираше, не ова мнозинство кое избра еден уставен судија. Мнозинството ваше го избра овој Уставен суд. Ова парламентарно мнозинство се обидува недостатоците кои ги оставија СДСМ и ДУИ како влада да ги коригира, така во Законот за социјална заштита се усвои закон во кој се дозволува да вработените во детските градинки, испитот кој треба да го полагаат за да бидат дел од тој предучилиштен образовен систем го полагаат на албански јазик, тоа што вие не го направивте. Затоа што нема да ви дозволиме да играте со ситни поенти на чувствата на граѓаните, тие тоа го препознаа, а гласно ќе зборуваат на следните парламентарни избори. Затоа што оваа демагогија етноцентрична тие ја отфрлаат“, изјави премиерот Мицкоски. 

Премиерот Мицкоски му порача на пратеникот Беџети дека ваквата етноцентрична политика им носи само негативни резултати и наместо за тоа во државава треба да се зборува за политиките кои реално имаат влијание врз животите на луѓето. 

„Дваесет години ништо не направивте пред сѐ за Албанците. Но, и тие се свесни, сакаат убаво да живеат да имаат поквалитетно здравство, пензии, плати, подобро образование, не им требаат овие теми. Нема да ви дозволи оваа влада евтино да играте со ниски страсти, ситни работи по чувствата на Албанците во Македонија. Луѓето во 21 век на Марс се качија, а вие се обидувате со ситен популизам да мислите ќе добиете некакви поени, а губите, тоа време заврши. Ова е нова Македонија во која секој граѓанин допринесува и се труди за иднината на оваа земја подеднакво, не по етничка основа, ова е поинаква Македонија во која сите сакаме да придонесеме со проект повеќе, политика повеќе и реформа повеќе“, дециден е премиерот Мицкоски.

Exit mobile version