Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговори на иницијативата на Град Скопје за дислокација на цементарницата „Усје“, порачувајќи дека Владата нема проблем со такви радикални потези, но предупреди дека тоа нема да биде магично стапче за решавање на аерозагадувањето. Според него, проблемот мора да се гледа холистички, а не парцијално, бидејќи главниот извор на ПМ честичките е начинот на кој се загреваат домаќинствата.

Коментирајќи ја синоќешната одлука на Советот на Град Скопје, кој по маратонска седница едногласно ја прифати иницијативата на „Зелен хуман град“, Мицкоски истакна дека суштината на проблемот лежи во децениската негрижа и недостатокот на инфраструктура.

Премиерот беше дециден дека Скопје е жртва на неплански развој во кој цели населби се оставени без еколошки начин на загревање.

„Што се однесува до дислокација, тоа не е никаков проблем што се однесува на Владата. Сето она што е проблем за граѓаните е проблем и за Владата, но сакам да дојдам до суштината. Суштината е дека загадувањето е резултат на децениската негрижа на граѓаните да им се обезбедат алтернативни извори на енергија со кои тие во текот на грејната сезона ќе ги затоплуваат своите домови. И на источната порта на градот и на западната порта на градот ние немаме понудено опција за граѓаните како да ги затоплуваат своите домови. Тука пред се мислам на далечинско греење и гас“, изјави Мицкоски.

Тој направи паралела со другите градови во Македонија, каде што нема тешка индустрија како цементарницата, но сепак загадувањето руши рекорди, што е доказ дека домаќинствата се голем фактор.

„Јас ги разбирам граѓаните. Тие се секогаш во право. Впрочем ние сите тука живееме, го дишеме истиот воздух исто како и во другите градови во Македонија каде што нема такви производни капацитети но има вонредно високо количество на ПМ 2,5 и 10 честички, така што мора ова да биде системско решение. Не можеме парцијално, како на шведска маса да си ги бираме работите, тоа што ни одговара да го анализираме, а тоа што не ни одговара да не го анализираме“, додаде премиерот.

Exit mobile version