Цената на храната во месец април забележа раст од под 1 отсто во споредба со март 2026 година, покажуваат владините анализи базирани на податоците од Државниот пазарен инспекторат. Премиерот Христијан Мицкоски, во изјава по отварањето на пазарот за електрична енергија, појасни дека најголем притисок врз инфлацијата доаѓа од транспортот.
„Најмногу се зголемени транспортните услуги и секако тие ќе влијаат во крајниот износ на инфлацијата за април, која очекувам да излезе деновиве“, рече Мицкоски.
Премиерот направи споредба со регионот и еврозоната, посочувајќи дека во Бугарија инфлацијата е над 6%, во Хрватска околу 6%, а во Грција околу 5%. Тој изрази оптимизам дека состојбата кај нас ќе се стабилизира веќе од наредниот месец.
„Очекувам сето ова да се стабилизира во овој тековен месец и веќе од следниот месец да имаме инфалција, која што ќе биде под 4%, а доколку имаме стабилизирање на состојбите во Иран, во Заливот, тогаш очекувам да дојдеме до оние бројки кои што до крајот на годината ќе бидат меѓу 2 и 3 отсто“, вели Мицкоски.
Во однос на евентуални нови мерки, премиерот појасни дека Владата нема голем простор за маневар освен преку ДДВ-то. Тој оцени дека замрзнувањето на цените и маржите се покажало како лоша мерка бидејќи само го прелева трошокот во наредните месеци.
Мицкоски потврди дека веќе се спроведуваат таргетирани мерки за одредени производи, како што се вешташкото ѓубриво и течниот природен гас.
„Сакам да кажам и тоа е многу важно да се истакне, според Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), ние како држава сме меѓу првите три согласно мерките кои што ги аплицираме, како процент во ДДВ за време на оваа криза“, подвлече претседателот на Владата.


