Мицкоски: Борбата против корупцијата ќе биде приоритет

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и иден премиер на Република Македонија, Христијан Мицкоски, во своето интервју за централниот дневник на Телевизија Сител истакна дека прв приоритет на новата влада ќе биде борбата со криминалот и корупцијата.
„Уште во првите денови на формирањето на новата влада ќе имам работен состанок со новиот министер за внатрешни работи, господинот Панче Тошковски. Мора да има одговорност за сите оние сомнежи, за сите оние докази коишто изминативе денови стигнаа до нас за сторен криминал во изминатиов период, но истовремено јавно кажувам и тоа го повторувам континуирано дека нема да има толеранција за ниту еден член на владата или било кое избрано лице коешто ќе биде поврзано со афери за криминал и корупција“, истакна Мицкоски.
Тој исто така потенцираше дека лично ќе се занимава со тоа ваквите појави да бидат санкционирани бидејќи Македонија нема простор за таков луксуз.
„Лично јас сум тој којшто ќе се бори против тоа и лично јас ќе бидам тој којшто веднаш ќе дејствува и ќе бидат истите променети затоа што за мене тоа што било патриотизам во 19-тиот век поврзано со кобурата и со камата денеска во 21-от век преставува чесно работење, работење согласно закон и Устав доколку ја добиете довербата од граѓаните. Бидејќи ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ја добија довербата од граѓаните, јас не очекувам ништо помалку од тоа што преставува чесно работење согласно законите и Уставот“ истакна Мицкоски и додаде:
„Било каква поврзаност на било кое избрано лице со криминалот и корупцијата лично од моја страна ќе биде санкционирано. Немаме простор за таков луксуз“.

18.06.2024 - 20:26

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега