Премиерот Христијан Мицкоски изрази задоволство од првичните ефекти на системот „Безбеден град“, нагласувајќи дека тест-периодот веќе дава видливи резултати во подобрувањето на сообраќајната безбедност. Според него, бројките за јануари се значително подобри во однос на претходниот месец.

„Бројките во јануари се уште поохрабрувачки споредено со бројките од декември. Тоа значи имаме повеќе човечки животи спасени, помалку сообраќајни незгоди, помалку пациенти на траума и, на крајот од денот, побезбеден сообраќај“, изјави Мицкоски.

Премиерот откри дека е забележан огромен пад на регистрираните сообраќајни прекршоци преку камерите.

„И она што мене ме радува е ако од почетните денови кога имаше неколку десетици илјади сообраќајни прекршоци, во одредени денови на почеток имаше и повеќе од сто илјади, сега веќе се движиме на бројката две-три илјади на ден“, рече тој.

Во однос на заштитата на личните податоци на граѓаните, Мицкоски призна дека системот ќе бара дополнителни приспособувања и протоколи во наредните шест месеци, но потенцираше дека хуманиот аспект е веќе постигнат. Тој очекува законските измени за овој проект да бидат донесени на првата наредна собраниска седница, со цел системот официјално да започне со работа од 1 февруари.

Exit mobile version