Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека нема нови барања од Бугарија за деблокада на евроинтеграциите, туку станува збор за истите услови од 2022 година кои претходната власт ги прифатила. Тој потенцираше дека е оптимист по неговите средби со европските лидери, нагласувајќи дека тие разговори се сосема различни од она што беше тема на средбата меѓу претседателката Сиљановска Давкова и бугарската потпретседателка Јотова во Софија.
Мицкоски објасни дека уставните измени се само почеток на процесот со кој се отвораат дополнителни и суштински барања поврзани со македонскиот идентитет.
„Македонските граѓани мора да знаат дека барањата не се само промена на Уставот и дел од бугарската заедница во преамбулата. Не. Тоа е само почетокот. Само ја отвораме Пандорината кутија. Следи акцискиот план, следи работата на историската комисија, следи Протоколот 2, каде работата на историската комисија е само едно од барањата. Таму имаат можеби петнаесетина нови барања коишто ние како држава треба да ги исполниме. Така што, нема ништо различно тоа што денеска го слушаме, тоа што го слушаме во континуитет од тоа што, за жал, претходната влада го прифати во 2022 година“, рече Мицкоски при пуштањето во употреба на спортската сала „Расадник“ во Кисела Вода.
Премиерот подвлече дека за бугарската страна работата на историската комисија не е формална, туку суштинска, и дека постојат сериозни разлики околу клучните историски личности и настани.
„Немаме исто гледање на идентитетските прашања. За нас, Гоце Делчев е идентитетот македонски, за нив не е, за нив е дел од бугарскиот идентитет. За нас, Илинденското востание е дел од македонскиот идентитет, за нив не е. Тоа е Преображенско востание. Тоа се суштински прашања коишто, за жал, се присутни уште од 2022 година. Не се нови барања“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека претходната власт манипулира бидејќи била подготвена да потпише сè, додека актуелната Влада ќе продолжи да ги штити националните интереси без да влегува во авантури. Мицкоски порача дека на следните парламентарни избори граѓаните ќе направат јасен избор меѓу претходните политики и новиот концепт што го нуди неговиот кабинет.


