Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска се огласи по повод 22-годишнината од трагичната смрт на поранешниот претседател Борис Трајковски. Мицкоски истакна дека државата со почит се сеќава на човекот кој својата служба ја извршувал со достоинство и верба во иднината.

„Денес со длабока почит и благодарност се сеќаваме на човекот кој својата служба кон татковината ја извршуваше со достоинство, визија и непоколеблива верба во иднината на државата. Неговото лидерство беше водено од идејата за стабилна, демократска и европска Македонија, држава на соживот, разбирање и еднакви можности за сите“, истакна Мицкоски.

Тој додаде дека и по повеќе од две децении, обврската кон делото на Трајковски останува водилка за градење на државата со одговорност и единство.

„Борбата за подобра иднина не е само политичка определба, туку заедничка национална должност. Веруваме во Македонија. Веруваме во нејзиниот потенцијал, во нејзините граѓани и во нејзината европска перспектива. Слава му!“, напиша премиерот.

Exit mobile version