МФ: Не се планира зголемување на стапките на ДДВ и на персонален данок

Не се планира зголемување на стапките на ДДВ и на персоналниот данок, истакнуваат од Министерството за финансии.

 -Имено, изјавата на министерот за финансии Фатмир Бесими во емисијата „Економски магазин“ се однесува на зголемување на уделот кој општините го добиваат од наплата на ДДВ-то и од персоналниот данок, како трансфери од централен буџет, а не на стапките на ДДВ и персонален данок, појаснуваат од Министерството за финансии.

Додаваат дека министерот за финансии гостуваше во емисијата „Економски магазин“ на тема „Фискална децентрализација“, каде ја презентираше реформата за унапредување на фискалната децентрализација.

-И самиот автор на емисијата „Економски магазин“ Горан Теменугов преку социјалните мрежи посочи: „поради мала непрецизност објавена на веб-страната на Алсат, каде што стоеше дека ќе се зголемува ддв и персоналниот данок, дојде до забуна во јавноста. Информацијата се однесува на зголемување на тоа колку општините ќе добиваат од собраниот ддв и персоналец, а не на зголемување на даноците. Значи, ќе се зголеми процентот што ќе го добијат општините, а не даноците. Јас се извинувам за непрецизноста и во иднина ќе се потрудам да не се повтори ваков пропуст…“, стои во соопштението.

Во рамки на реформата за унапредување на фискалната децентрализација, за која претходно и министерот за финансии и Министерството за финансии ја информираа јавноста, наведуваат во соопштението, се предлагаат три столба – подобрување на фискалниот капацитет на општините, домаќинско и отчетно работење и зголемување на транспарентноста.

Кај првиот столб се предлага зголемување на уделот кој општините го добиваат од наплатата на персонален данок, како и постепено зголемување на стапката на дотација од наплатениот ДДВ, според перформансот на општините. Имено, планирано е формирање два фонда: Фонд за перформанси за општините коишто покажуваат позитивни резултати и имаат повисока реализација на сопствените приходи и Фонд за изедначување за општините коишто имаат пониски приходи, но истите покажале фискален напор и добри резултати во прибирањето на сопствените приходи.

Најавуваат дека овие предлози ќе бидат ставени на јавна дискусија со ЗЕЛС и со сите засегнати страни со цел оваа реформа да се носи преку транспарентен и инклузивен процес.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

25.03.2021 - 10:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега