Мерки против африканската чума: Половина од дивите свињи ќе се застрелаат

Отстрел на дивите свињи, уништување на питомите свињи кои не се под биосигурносен надзор и засилени царински контроли на граничните премини за да се спречи неконтролирано внесување свинско месо, се дел од мерките што ќе бидат презмени за превенција и спречување на ширењето на болеста свинска чума во земјава.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев и министерот за земјоделство Трајан Димковски на прес-конференција во Владата истакнаа дека се преземаат сериозни и радикални мерки за да се спречат последиците од свинската чума, кои можат да бидат катастрофални за свињарството, но негативни и за целата економија. Штетата само по извозот би била меѓу 50 и 60 милиони евра, а вкупната над 100 милиони евра.

Свинската чума не е опасна и не ги напаѓа луѓето, но е смртносна за свињите и брзо се шири.

Првата мерка предвидува намалување на бројот на диви свињи и на свињите кои се чуваат без биосигурносни мерки чиј број е околу 18.000. МЗШВ ќе им даде дозвола на сите ловни друштва за отстрел на дивите свињи во наредните 10 дена, на ниво од 50 проценти од годишниот план, што значи 4.000 диви свињи.

Анѓушев упати апел до ловните друштва да извршат отстрел на 50 отсто од дивите свињи низ земјава. На оние ловишта, пак, кои немаат концесионер, Армијата ќе се вклучи во отстрелот на дивите свињи.

– Доколку тие не можат тоа да го сторат, тогаш ќе ја активираме армијата за такви мерки. Свињите кои се хранат на депониите ќе бидат отстранети и мора да ги примениме овие радикални мерки. Ловните друштва знаат најдобро како да се справат со овој проблем и мора да спречиме болеста да премине на нашата територија, истакна Анѓушев.

Тој додаде дека секој ловец за отстрелана дива свиња ќе добие награда од 1.000 денари и ќе може да го задржи месото.

– На ловиштата кои не се под концеција на ловните друштва, острелот ќе го врши Армијата која во рок од три дена треба да подготви план. Армијата ќе помага и во ловиштата каде што ловните друштва нема да успеат да го ивршат предвидениот отстрел, изјави вицепремиерот Анѓушев.

Питомите свињи, пак, кои не се под биосигурносни мерки ќе треба да се заколат, а сопствениците ќе добијат надомест од 3.000 денари и ќе можат да го задржат и користат месото.

Ќе треба да бидат отстранети и свињите кои се хранат на дивите депонии, за што мерките треба да преземат општините.

Агенцијата за храна и ветеринарство ќе забрани трговија со живи свињи на пазарите, а Царинската управа ќе ја засили контролата на патничкиот сообраќај на граничните премини и нема да дозволува внес на месни прозводи во земјава. 

Анѓушев додаде и дека Северна Македонија е прва држава што презема радикални мерки пред појавата на болеста.

Извор на вирусот на оваа опасна болест која ги погодува домашните и дивите свињи се заразените, болните или угинати животни, заразената храна и отпадоци од храна, опрема, возила, облека и мекиот крлеж како биолошки преносител на болестa.

Африканска свинска чума, освен во Бугарија, од пред една седмица е потврдена и во Србија. Ја има и во уште дваесеттина други земји, а се шири и зема се поголеми размери. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

20.08.2019 - 15:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега