Меркел во Белград: ЕУ има голем геостратешки интерес сите земји од ЗБ да се примат во ЕУ

Германската канцеларка Ангела Меркел во Белград на заедничката прес конференција со претседателот Вучиќ, истакна дека членките на ЕУ имаат голем геостратешки интерес за сите земји од регионот на Западен Балкан да се приклучат кон ЕУ, јави дописникот на МИА од Белград.


-Знам дека понекогаш перцепцијата е дека процесот е бавен и дека европската страна поставува некои нови барања, но гледаме резултати и напредок. Берлинскиот процес ја зголемува поврзаноста во регионот и го помага процесот на пристапување. Исто така, истите услови се поставени за сите земји членки. Ние кои сме веќе земји членки имаме голем геостратешки интерес сите овие земји да се приклучат кон ЕУ, изјави Меркел.

Таа додаде дека понекогаш се гледа назадување, бидејќи има влијание од другите делови на светот, но дека ЕУ мора да има предвид дека има важен геостратешки интерес на приближување на регионот во ЕУ.

Меркел посочи дека нејзиното патување е поврзано со регионот, потсетувајќи дека утре во Тирана ќе се сретне со премиерите на Западен Балкан.

Таа посочи дека Берлинскиот процес има важна улога во процесот на приближување кон ЕУ и изрази задоволство што резултатите се веќе видливи, дека може да се постигне напредок во постигнувањето заеднички пазар, но и нагласи дека Берлинскиот процес не го заменува пристапниот процес, туку има за цел поврзување на регионот.

На прашање да напави паралела меѓу Берлинскиот процес и Отворен Балкан таа изјави дека секој иден германски канцелар ќе се залага за Берлинскиот процес, кој е следен од ЕУ, ЕК и други земји.

-Иницијативата на трите земји на Балканот е исто така добра можност. Можете да напредувате, ако процесот биде отворен, и другите земји од ЗБ да можат да се се приклучат и да се има за цел сите 6 земји од ЗБ да се приклучат, одговори Меркел.

Српскиот претседател Александар Вучиќ одговарајќи на новинарско прашање за перспективите на Берлинскиот процес по напуштање на политиката на Меркел кажа дека тој и Рама за првпат се сретнале со германската канцеларка како премиери на двете земји, што доволно зборува за важноста на Берлинскиот процес и неговиот придонес.

Тој пренесе дека со Северна Македонија, заедно со ЕУ, ќе гради брза железница до таа земја и дека наскоро, на 30 септември, ќе бидат отворени првите работи на делницата Ниш – Брестовац.

-На злонамерните кога велат дека не се гледа големо наследство за Берлинскиот процес и работата на Меркел на ЗБ, јас секогаш би рекол три работи: имавме мир, цело ова време. Второ, поминавуваме низ најтурбулентниот период поради миграцијата, што предизвика кризи во регионот, и со нејзина поддршка, го надминавме. Под три, имавме и корона и тешки економски работи, и преку поддршката од Германија, го надминавме тоа и преку ЕУ влеговме во зголемен број инфраструктурни проекти на кои работевме. Мислам дека тоа е исклучително наследство , истакна Вучиќ.

Тој додаде дека во октомври во Словенија, на Самит за Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес може да се постигнат одредени компромиси во врска со заедничкиот регионален пазар, за што зборувал со Меркел, што ќе биде добра вест за сите нас и понатамошното забрзување на европската интеграција.

Како што наведе, тие разговарале за сите регионални прашања, како и за односите меѓу Белград и Приштина.

-Србија е посветена на дијалогот, бидејќи веруваме дека замрзнатиот конфликт не е добро решение и дека треба да постигнеме компромисно решение. Секогаш ќе бидеме отворени да разговараме како да дојдеме до тоа решение, бидејќи тоа е добро за Србите и Албанците. Ние само во мирот ја гледаме иднината, кажа Вучиќ.

Претседателот на Србија изјави дека на Меркел вечерва дополнително ќе и ја претстави иницијативата „Отворен Балкан“.

13.09.2021 - 21:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа