Германскиот канцелар и лидер на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Фридрих Мерц денеска изјави дека ЦДУ е „потресена до срж“ од вчерашната победа на Алтернатива за Германија (АфД) во сојузната покраина Саксонија-Анхалт.

– Овој исход ја потресе ЦДУ до срж и не можеме само да продолжиме како ништо да не се случило. Тоа важи и за федералната влада, наведе Мерц на затворена седница на претседателството на ЦДУ.

Тој исклучи каква било соработка со ултрадесничарска партија АфД.

– Тоа е партија која сака да ја уништи ЦДУ и затоа секаков облик на соработка со неа е невозможен, посочи Мерц.

Тој додаде дека и покрај „силните инструменти за одбрана на Уставот од десничарска радикална влада“ победата на АфД е „тектонски удар врз германскиот партиски систем, наведе Мерц.

Според него ЦДУ „не воспоставила емотивен контакт со гласачите“, а АфД успеала да ги мобилизира граѓаните кои претходно не гласале.

И покрај тоа што АфД освои 43,8 проценти од гласовите во Саксонија-Анхалт, што е нејзин најдобар резултат на покраински избори, ултрадесничарската партија не успеа да освои апсолутно мнозинство во покраинскиот парламент во Магдебург.

Exit mobile version