Европските сојузници на Украина треба да назначат единствен претставник за преговори со Русија за прекин на војната, им рече денеска италијанската премиерка Џорџа Мелони на пратениците во италијанскиот Парлемeнт, додавајќи дека помалите групи нации не можат да го претставуваат целиот блок.

Лидерите на Велика Британија, Франција и Германија, кои предводат неформален безбедносен сојуз наречен Е3, во неделата се сретнаа со украинскиот претседател Володимир Зеленски и рекоа дека го поддржуваат предлогот на Киев за разговори со Русија за да се обезбеди прекин на огнот.

Мелони, цврст поддржувач на Украина, рече дека на Европа ѝ е потребна „интеракција“ со Москва за да го запре конфликтот, но ниедна ограничена група нема „легитимитет да зборува“ во име на сите.

„Одамна ја поддржувам потребата од назначување авторитативна личност, на која сите земји членки на ЕУ ќе и укажат доверба и ќе добие мандат да ја претставува Европа“, изјави таа пред парламентот пред самитот на ЕУ и состанокот на лидерите на Г7 следната недела.

Мелони додаде дека напорите за градење мир во Украина бараат и посилна координација меѓу Европа и САД, велејќи дека „предизвикот не е секогаш лесен, но е неопходен“.

Изјавите на Мелони ги одразуваат изјавите на полскиот премиер Доналд Туск, кој оваа недела се пожали за отсуството на неговата земја од разговорите со Зеленски во Лондон и рече дека наскоро ќе се одржи уште еден состанок за Украина, на кој ќе учествуваат и Варшава и Рим.

Во својот говор, Мелони се осврна и на војната меѓу САД и Иран, при што континуираните тензии во Ормуската Теснина ги зголемуваат цените на енергијата и влијаат врз глобалната економија.

Таа рече дека Европа треба да биде подготвена да ги ублажи санкциите врз Иран ако покаже подготвеност за преговори.

„Ако, наместо тоа, Техеран продолжи по погрешен пат, загрозувајќи ја слободната пловидба, извршувајќи напади, поддржувајќи милиции и кршејќи ги меѓународните обврски, тогаш Европската Унија мора да биде подготвена да го зголеми притисокот, вклучително и нови целни мерки“, рече таа.

Exit mobile version