По неколку месеци во кои главниот град беше прекриен со отпад поради блокади и негрижа, вечерва започна големата акција за чистење на Скопје.

Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, заедно со премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, излегоа на терен со екипите на ЈП „Комунална хигиена“, „Паркови и зеленило“, како и други јавни претпријатија и компании кои се приклучија на акцијата со општествена одговорност.

Акцијата има за цел да се исчистат сите улици, контејнери, шеталишта и мини-депонии што се создадоа во изминатиот период.

„Вечерва сме на терен, покрај нашите екипи и работниците кои се дел од овој голем граѓански мобилизирачки процес. Ќе се чистат контејнерите, просторот околу нив, шеталиштата и сите јавни површини што беа запоставени. Ова е само почетокот на обновата на Скопје,“ изјави градоначалникот Меџити.

Тој порача дека „Скопје вечерва нема да спие врз ѓубре, туку утре ќе се разбуди со почист, поздрав воздух и со нов изглед“.

„Ова е почеток на едно ново поглавје за Скопје, градот што го преземаме во свои раце за да го исчистиме, да го уредиме и повторно да го направиме гордост за сите негови граѓани,“ додаде Меџити.

Exit mobile version