Речиси половина од контролираните приватни гинеколошки ординации во Македонија работат спротивно на законите – или наплаќаат услуги кои за пациентките мора да бидат бесплатни, или кријат промет од државата. Ова се поразителните резултати од големата заедничка акција на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) и Управата за јавни приходи (УЈП), спроведена во ноември годинава.

Директорот на ФЗО, Сашо Клековски, и директорката на УЈП, Елена Петрова, денеска ги објавија деталите од првата ваква координирана контрола од 2012 година наваму, иницирана по лавина претставки од револтирани пациентки.

Што открија инспекторите?

Под лупа беа ставени 49 матични гинеколози (од вкупно 149 кои имаат договор со ФЗО) во Скопје, Битола, Прилеп, Тетово, Штип и Струмица. Резултатите се загрижувачки:

  • Кај 23 ординации (47%) се пронајдени неправилности.
  • Само 26 ординации (53%) работеле целосно законски.

„Неуредни збирно се вкупно 23 ординации. Од нив, неправилности само кон ФЗО имаат три установи, само кон УЈП имаат 11, а кон двете институции има кај девет установи. Главна неправилност кон Фондот е наплата на дополнителни средства од осигурани лица (кај осум ПЗУ) и неуредна евиденција“, откри Клековски.

Тој потсети дека ЕХО прегледите, колпоскопијата, земањето брис за микробиолошко и цитолошко испитување (ПАП-тест), како и другите дијагностички процедури кај матичниот гинеколог не смеат да се наплатуваат.

Директорката на УЈП, Елена Петрова, информираше дека кај 20 установи се најдени проблеми со фискализацијата. Таа беше децидна дека нема да се толерира „хранењето“ на сивата економија.

„Иако здравствените услуги се ослободени од ДДВ… неевидентирањето на приходите остава простор за нивно користење како неоданочени лични примања и стекнување личен имот. Глобата се изрекува при прва констатирана неправилност, а при втора во рок од две години се изрекува и построга мерка како запечатување на деловната просторија од 15 до 30 денови“, предупреди Петрова.

Exit mobile version