Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) „прочешлаа“ 188 маркети и хипермаркети низ државата, при што изрекоа вкупно 22 казни во вредност од приближно 40.000 евра.
Во рамки на вонредните надзори спроведени од 13 до 16 јануари, инспекторите затекнале сериозни пропусти кај операторите со храна. Како што соопштија од АХВ, одземени и нештетно уништени се над 253 килограми небезбедна храна, меѓу кои месо и месни преработки, млечни и кондиторски производи.
„Кај 14 маркети беше затекната храна со изминат рок на траење, додека кај дел од операторите е констатирано дека вработените немаат ниту санитарни книшки“, информираат од Агенцијата.

