Во текот на изминатата ноќ Русија изврши масовни напади врз енергетската инфраструктура на Украина, при што се оштетени повеќе од десет енергетски објекти, а над 550.000 домаќинства останаа без електрична енергија, соопшти украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Во својата објава на Фејсбук, Зеленски наведе дека нападите ги погодиле регионите Виница, Волин, Кировоград, Киев, Николаев, Житомир, Хмелницки, Харков, Тернопол, Одеса и Ривне. Тој истакна дека екипите за санација се веќе на терен за брзо оспособување на мрежата.
Според податоците што ги изнесе тој, нападот бил изведен во неколку бранови со балистички ракети, а главна мета биле енергетскиот сектор и критичната инфраструктура.
Покрај енергетските објекти, оштетени се и медицинска клиника, училиште, метро-станица и станбени згради. Руските сили употребиле 16 балистички ракети и над 200 беспилотни летала од различни типови, вклучително и дронови „Шахед“ со млазен погон.
Украинскиот претседател потврди дека во нападите има и жртви, упатувајќи забелешка до сојузниците.
Тој изрази незадоволство што, како што наведе, „повторно немало никакво предупредување од партнерите“ за претстојниот напад.


