Крвав инцидент го потресе централно Мексико во неделата, откако група вооружени напаѓачи отворија оган на фудбалско игралиште. Локалните власти потврдија дека во нападот загинале најмалку 11 лица, додека 12 други се ранети и се наоѓаат под медицинска нега.

Трагедијата се случила во градот Саламанка, токму во моментите кога завршувал фудбалски натпревар. Градоначалникот на градот, Сезар Прието, за медиумите изјави дека нападот бил ненадеен и брутален. Според официјалните податоци, десет лица починале на самото место, додека едно лице подоцна им подлегнало на повредите во болнички услови. Меѓу повредените, според потврдата на градоначалникот, се наоѓаат и една жена и еден малолетник.

Градоначалникот Прието упати итен апел до претседателката Клаудија Шајнбаум за федерална помош со цел да се стави под контрола бранот на насилство во овој дел од земјата. За жал, постојат криминални групи кои се обидуваат да ги потчинат властите, нешто што нема да го постигнат, дециден беше Прието во својата изјава по настанот.

Канцеларијата на државниот обвинител на државата Гуанахуато веќе започна истрага за мотивите и сторителите на овој масакр. Властите соопштија дека тесно соработуваат со федералните безбедносни сили за да се зголеми присуството на полицијата и војската во областа и да се спречат понатамошни судири.

Exit mobile version