Маричиќ од „Колеџ на Европа“: Балканците се европејци, ЕУ да направи план со временска рамка за следно проширување

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денеска одржа предавање на „Колеџот на Европа“ во Бриж, каде пред студентите посочи дека за задржување на мирот и стабилноста на Балканот потребен е јасен план за пристапување на регионот во Унијата.

-Затоа ние ја поставивме 2030 година како наша приоритетна цел за полноправно членство во ЕУ. Знам дека е неблагодарно да се говори за рокови и датуми, но мислам дека треба да имаме цел, но и европските институции и земјите членки треба да разберат дека имаме цел за да бидеме пофокусирани, помотивирани и поефикасни во спроведувањето на реформите, рече Маричиќ.

Вицепремиерот објасни дека на Балканот има една генерална поделба, дали си балканец или европеец, а според него можеме да бидеме и балканци и европејци истовремено.

-Со тоа ќе ја вратиме и довербата на граѓаните во ЕУ и како што ни има покажано историјата, ако ЕУ се покаже како глобален играч на Балканот, ќе може да се покаже како глобален играч и на светско ниво, додаде Маричиќ.

Ректорката на „Колеџот на Европа“, Федерика Могерини во својот поздравен говор дека е голема чест и привилегија што имаат можност да бидат домаќини на членови на влади од земји, кои се нивни партнери и соработници.

-Овој пат сум и емотивна бидејќи со овие луѓе толку многу работевме заедно, поминавме заедно и радосни моменти и предизвици. Потпишавме со заеднички напори големи договори, како што е Договорот од Преспа, рече Могерини.

Маричиќ ги запозна студентите со патот кој земјава го помина од денот на поднесувањето на барањето за членство во ЕУ во 2004 година, зборувајќи за перспективите и предизвиците на пристапниот процес на Република Северна Македонија, но даде слика и за целиот регион на Западен Балкан.

-Ние испорачавме резултати со Договорот од Преспа. Воопшто не беше лесно, но на тој начин решивме децениски проблем, кој од страна на Советот за безбедност на ОН беше препознаен како сериозен безбедносен проблем. Благодарение на помирувањето во 2018 година и потпишувањето на овој Договор, Грција стана еден од најсилните наши поддржувачи. Ја зголемивме трговската размена и ги унапредивме билатералните односи на сите нивоа. Но, за да се лучи сето ова, имавме огромна поддршка и соработка токму од г-ѓа Могерини во тоа време, од Комесарот Хан, и навистина го цениме тоа и сме ви благодарни, истакна Маричиќ.

Посочувајќи дека Северна Македонија беше првата земја од Западен Балкан која поднесе барање за членство во Унијата, главниот преговарач со Унијата, Маричиќ, рече дека последни ги отпочнавме пристапните преговори, а во меѓувреме Хрватска, која стана земја кандидатка зачленство во Унијата во 2004 година, веќе стана полноправна членка со проширувањето во 2013 година.

Студентите покажаа интерес за темата и поставија неколку прашања, меѓу кои беше и прашањето за односите помеѓу Албанија и Северна Македонија и заедничкото следење на објаснувачкиот скрининг, на кое Маричиќ им објасни дека двете земји  имаат одлична и блиска соработка и дека неодамна, на заедничката владина седница со Албанија беше потпишан и Меморандум за соработка, токму во областа на пристапните преговори за размена на искуства, документи и сл.

-Мислам дека е добро да имаш една или повеќе партнерски земји со кои ќе се движиш напред. Има области во кои ние сме понапред, има области во кои тие се понапред, но тоа е нормално. Ако ги направиме неопходните уставни измени догодина, ќе продолжиме напред заеднички. Би се одвоиле само доколку не ги направиме уставните измени, а тогаш ние би назадувале, кажа Маричиќ, изразувајќи уверување дека ќе продолжиме заеднички понатаму, но во случај да не се случи тоа секако, Северна Македонија нема никогаш да лобира против некоја соседна земја.

Колеџот на Европа е првиот светски институт за постдипломски студии и обука од областа европски студии. Основан е во 1949 година од водечки европски личности како Салвадор Де Мадариага, Винстон Черчил, Пол Анри Спаак и Алсиде Де Гаспери, во пресрет на првиот Конгрес на Европското движење во Хаг во 1948 година. Идејата на која се заснова концептот на колеџот била да се формира институт каде дипломирани студенти од многу различни европски земји би можеле да студираат и да живеат заедно како подготовка за кариера во областите на европската соработка и интеграција.

24.11.2022 - 17:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега