Маричиќ: Имаме напредок и добро ниво подготвеност во Поглавјето 23, треба да забрзаме со реформите

Имаме постигнато доволно добро ниво и мораме да ги забрзаме реформите кои ќе имаат директно влијание врз секојдневниот живот на граѓаните, но има уште многу што да се направи, порача денеска во Брисел вицепремиерот задолжен за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ во обраќањето на првиот ден од дводневниот билатерален скрининг за Поглавјето 23 – Правосудство и фундаментални права.

– Приоритет на македонската администрација и правосудни органи мора да остане исполнувањето на обврските во оваа област со цел задржување на динамиката и напредокот во преговорите. Скринингот и текот на преговорите очекуваме да дадат брзи мерливи резултати кои квалитативно ќе се одразат на целиот процес и на целокупниот општествен амбиент, рече Маричиќ, додавајќи дека континуирано расте напредокот во правосудството, што е потврдено од страна на Европската комисија.

Претставниците на Европската комисија на почетокот на состанокот, исто така, нагласија дека е очигледен напредокот и посветеноста на реформите во правосудството, што е нотирано и во годишниот Извештај на ЕК за 2022 година, но дека не е сè направено и мора уште да се работи.

Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, експертите посочија дека нема сомнеж оти земјава има значајно подобрување во оваа област и ја истакнаа проактивноста на Државната комисија за спречување на корупција. Според нив, земјава е добар пример за мултиетничко општество, но дека мора да продолжи во обезбедувањето на основните права и заштитата на малцинствата.

01.12.2022 - 16:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа