Маричиќ: Да работиме заедно - се поблиску сме до ЕУ

Секретарот за меѓународна соработка на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Бојан Маричиќ, заедно со лидерот Димитар Ковачевски и потпретседателката, Бисера Костадиновска-Стојчевска учествуваа на Самитот на лидери од Западен Балкан и Групата на социјалисти и демократи (S&D) во Европскиот парламент.

Денеска во Виена, Групата на социјалисти и демократи (S&D) во Европскиот Парламент ги обедини сите прогресивни лидери од регионот и ЕУ  и низ плодна дискусија направи тековен преглед и анализа на случувањата во Европа, од кои произлезе јасна порака дека пристапувањето на Западен Балкан во ЕУ бара напори и силна заложба за  процесот на проширување на ЕУ да се активира.

-Проширувањето сѐуште е најуспешната политика на ЕУ и инвестиција во стабилноста и просперитетот на европскиот континент, но тоа треба да се потврди со интеграцојата на земјите од Западен Балкан, вели Маричиќ.  

Самитот беше насловен „Проширување за Западен Балкан СЕГА - за граѓански, демократски и мирољубиви општества“ ги обедини на едно место лидерите на прогресивните левичарски партии од Југоисточна Европа, како и раководството на парламентарната група на Партијата на европските социјалисти во Европскиот парламент.

Лидерите од Западен Балкан истакнаа дека очекуваат проширувањето да се базира на реформски евроентузијазам и ќе биде веродостоен и предвидлив, а пред сѐ фер.

 Маричиќ од Самитот вели дека со социјалдемoкратите од регионот и ЕУ ќе работат на забрзување на евроинтеграцијата на регионот и дека ќе успеат во тоа.

Друга тема на која лидерите и европратениците разменаа мислења е соработката на прогресивните сили во справувањето со предизвиците кои ги предизвика руската агресија врз Украина.

-Заедно, преку блиска соработка со нашите партнери, групата S&D, ќе продолжиме да работиме на градење на заедничка прогресивна перспектива за ЕУ и предизвиците кои ги наметна новата геополитичка ситуација, рече Маричиќ.

На крајот од Самитот беше организирано потпишување на заедничка Декларација со која лидерите ќе се заложат за интензивирање на соработката што ќе придонесе за побрзо членство на земјите од Западен Балкан во Европската Унија.

-Со потпишување на политичката Декларација на Самитот на Групата на социјалисти и демократи и лидерите од Западен Балкан, поставуваме јасна и предвидлива агенда за проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан, посочува Маричиќ.

Според секретарот за меѓународна соработка, Маричиќ, социјалдемократите од регионот делат исти вредности со европските социјалдемократи, кои се поттик заеднички да дејствуваат и да соработуваат за реализација на членството во ЕУ, како најдобра опција за реформирање и подобрување на општеството и животот на граѓани.

-Следниот период мора да се продолжи по ова позитивна траекторија и се движиме напред. Сега е клучно да се задржи политичкиот моментум, посочува Маричиќ, додавајќи дека и во пристапните преговори со ЕУ, можеме и понатаму да сметаме на силната поддршка на социјалдемократска група во Европскиот парламент.

Лидерот на СДСМ, Ковачевски, беше еден од панелистите на тема „Иднината на проширувањето на Европската унија во светло на заклучоците од Самитот во Тирана“, заедно со лидерите од регионот, Џукановиќ, Курти, Коњевиќ, Никшиќ.

08.12.2022 - 20:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа