Манчевски: Промовираме нов принцип и култура на работа во јавната администрација

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, денеска го промовираше новиот изглед и начин на работа на салата „Една точка за услуги“, во Скопје.

Како што истакна министерот, просторот е целосно модернизиран и следи најнови стандарди за тоа како функционира еден простор сервисно ориентиран кон граѓаните. Тој воедно потенцираше и дека станува збор за целосно нов принцип и култура на работа во јавната администрација.

„Шалтерите конечно се минато, вработените работат во пријатна атмосфера, а граѓаните веќе нема да бидат дел од долги шалтерски редови. Вработените во јавната администрација се сервис на граѓаните и првиот контакт што граѓаните го имаат со институциите. Затоа, работевме посветено прво на едно место да има повеќе институции кои нудат услуги, нешто што го завршивме пред повеќе од една година. А потоа се посветивме и на подобрување на концептот на давање на самите услуги“, информираше Манчевски.

Во „Една точка за услуги“ сместени се Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт и врски, Управата за јавни приходи, Агенцијата за катастар на недвижности, Агенцијата за вработување, Министерството за труд и социјална политика, Централниот регистар, Фондот за здравствено осигурување, Управата за водење матични книги, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

„Обезбедивме непречен пристап и за лицата со пречки во движењето, има служба која ќе работи на одржување на редот, а електронски ќе се следи и работењето, со регулирано време за пауза и без можност да има граѓани кои чекаат, а да нема кој да ги услужи. Ова е само почеток на менување на начинот на којшто граѓаните добиваат услуги од институциите. Покрај оваа сала, во понеделник започнува со работа и Една точка за услуги во Тетово, а веќе се започнати и активностите за канцелариите во други градови“, нагласи министерот.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

19.06.2020 - 17:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега