ВМРО-ДПМНЕ е апсолутен победник на локалните избори, освојувајќи 54 општини и градот Скопје, соопшти на денешната прес-конференција членот на ЦК на партијата, Валентин Манасиевски.

Според него, граѓаните ги препознале „чесните и искрените намери“ на партијата.

„Историски промени и победи имаме во Кичево, Карпош и Струмица, издвојувавме големи победи и во Валандово, Дојран, Брвеница, Берово, Делчево, Демир Капија и Крушево, Пробиштип, Росоман, Старо Нагоричане и Чучер Сандево. Во останатите општини кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ убедливо победија, а победа имаме и на Орце Ѓорѓиевски во градот Скопје“, изјави Манасиевски.

Тој оцени дека СДСМ доживеал „огромен дебакл“ и со освоени само 6 општини, 126 илјади гласови и 230 советника, тие се „трета партија во државата позади нашиот владин коалициски партнер, партијата ВРЕДИ“.

Манасиевски го поврза поразот на СДСМ со политиките на поранешниот лидер Зоран Заев.

„Граѓаните јасно кажаа дека се против политиките на Филипче и неговиот ментор Заев, кој сеуште ги држи конците во СДС. Наместо да се оградат и дистанцираат од Зоран Заев, Филипче и раководството на СДС, продолжуваат да го величат ликот и делото на Зоран Заев, човекот кој ја распродаде и уништи Македонија“, рече тој.

Поради ова, од ВМРО-ДПМНЕ побараа итни промени во раководството на СДСМ, бидејќи, како што рекоа, на државата ѝ е потребна силна опозиција и „коректор на политиките“.

„Филипче и СДС во моментов се во политички нокдаун, и време е Филипче да си замине од СДС и од политиката“, заклучи Манасиевски.

Exit mobile version