Генералниот секретар на СДС, Александар Саша Димитријевиќ, остварил средба со бивши функционери од српската опозиција со цел оформување на опозициски фронт, обвини денеска Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ. Според Манасиевски, целиот процес е организиран со помош на поранешниот премиер Зоран Заев и ПР-консултантот Зоран Башановиќ.
На прес-конференцијата, Манасиевски посочи дека Димитријевиќ минатата недела се сретнал со Бранко Ружиќ, поранешен министер за образование во Србија и потпретседател на Социјалистичката партија на Србија (СПС). Според тврдењата на Манасиевски, на средбата се разговарало за здружување на опозициските сили од Србија со СДС.
„Жалното е што во врвот на СДС никако не им доаѓа памет, кој стигне ги користи за свои приватни цели. Поради лојалноста и послушноста кон Заев, СДС преку Филипче и Димитријевиќ ќе одработуваат за опозиција во друга држава“, изјави Манасиевски.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека наместо да се занимаваат со внатрешната политика на соседните држави, раководството на СДС треба да се фокусира на сопствената партиска состојба, за која оценија дека е на ниво на „статистичка грешка“.


