Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на денешната прес-конференција изнесе обвинувања до претходната власт на СДСМ и нивниот претседател Венко Филипче за запоставување на проблемот со водата за пиење во Гостивар и во други населени места.

Според Манасиевски, документацијата со која располагаат индицира дека и во минатото беа евидентирани случаи на небезбедна вода, но одговорност не била побарана од тогашните функционери.

„Талогот од СДС и предавникот Филипче не само што не го решавале проблемот со водата во Гостивар, туку никогаш не побарале ниту понеле одговорност“, изјави Манасиевски.

Тој додаде дека анализите од изминатите години покажуваат слични состојби во повеќе региони во државата.

„Документите кои ги споделувавме во јавноста од испитувањата, покажуваат дека во времето на СДС и Венко Филипче, биле евидентирани случаи на небезбедна вода за пиење во различни населени места низ државата, како и во Гостивар“, рече Манасиевски.

Портпаролот праша зошто во тој период ги немало потребните институционални чекори и смени.

„Но, денес се поставува едно уште поважно прашање, а тоа е дали некој од тогашната власт побара одговорност? Дали некој директор бил разрешен? Дали некој градоначалник бил повикан на одговорност? Одговорот е не. Додека СДС беше на власт, проблемите се оставаа да се таложат, а граѓаните никогаш не добија отчет што било преземено по сите тие наоди и анализи“, истакна тој.

На крајот, Манасиевски посочи дека граѓаните треба да добијат одговори за постапките на претходната власт во однос на квалитетот на водата за пиење.

„Денес, истите тие луѓе се обидуваат да држат лекции за одговорност. Талогот од СДС и предавникот Венко Филипче треба да им одговорат на граѓаните, зошто со години немало институционална одговорност за случаите на небезбедна вода и што конкретно презеле за тие проблеми да бидат отстранети. Граѓаните заслужуваат одговори, а не политичка селективност“, заклучи портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

Exit mobile version