Членот на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на денешната прес-конференција упати остри критики до лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го дека верно ги следи политиките на неговиот претходник Зоран Заев. Според Манасиевски, Филипче е третиот во низата по Заев и Ковачевски кој е подготвен да ги продолжи „предавничките политики“ за да ја зачува својата позиција во партијата.

Манасиевски потсети на изјавата на Филипче дадена пред гробот на Гоце Делчев, каде што лидерот на СДСМ истакна дека Бугарија не го негирала македонскиот идентитет.

„Тоа е истата онаа Бугарија каде официјални лица говореа дека македонскиот јазик е создаден во 1945 година и е изменета верзија на бугарскиот јазик, додека пак Гоце Делчев е бугарски револуционер“, изјави Манасиевски.

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека на СДСМ не им се важни националните интереси и идентитетот, туку дека се подготвени веднаш да ги потпишат уставните измени без никакви гаранции за евроинтегративниот пат.

„Погрешните политики на СДС како Договорот од Преспа, Договорот за добрососедство, Францускиот предлог, се целосна вина на СДС за што сега Македонија се наоѓа во позиција да биде уценувана и блокирана од Бугарија на патот кон ЕУ“, порача Манасиевски.

Според него, со ваквите изјави Филипче ја потценува свеста на граѓаните за сериозноста на идентитетските прашања.

„Венко Филипче е само бледа копија на Зоран Заев, а со неговите изјави секој ден се повеќе потврдува и дека ќе го надмине Зоран Заев“, заклучи Манасиевски.

Exit mobile version