Макрон: Зелено светло за Северна Македонија без Албанија ќе беше смртоносна политичка грешка

Францускиот претседател, Емануел Макрон призна дека на вчерашниот состанок имало јасно мнозинство на земји за почеток на преговори со Македонија, но не и за Албанија.

Тој исто така призна дека бил против одвојување на двете земји.

-Зелено светло за Северна Македонија без Албанија ќе беше смртоносна политичка грешка, а тоа беше единствениот можен консензус, ќе видевме политички и социјални движења од неверојатно насилство, не само кај албанското малцинство во Северна Македонија туку во сите земји каде има албанско малцинство, изјави Макрон.

Францускиот претседател во првото обраќање пред јавноста откако ги блокираше преговорите со Македонија и Албанија вчера, порача дека полноправното членство на ЕУ не треба повеќе да биде единствената политика кон земјите од соседството на ЕУ, доведувајќи за прв пат јавно во прашање европската иднина и перспектива на земјите од западниот Балкан дадена во Солун во 2003-та.

-Разговаравме за визијата на секој од нас за Европа, јас не сметам дека проширувањето е единствената политика кон соседството, рече Макрон, и додаде дека ЕУ не функционира каква што е сега.

Тој истакна дека со “овие земји“ треба да се има “стратешка агенда“, но дека не нужно тие треба да бидат идни земји членки на ЕУ.

Макрон ја повтори потребата за реформа на процесот на преговори со земјите кандидати и побара тој да биде реверзибилен, односно да може да биде стопиран.

Францускиот претседател посебно ги поздрави напорите на премиерот Зоран Заев за Преспанскиот договор и за уставните измени.

-Тие измени беа дел од барањата на ЕУ, но повеќе земји имаа резерви, не затоа што нема напредок, напредок има, но има некохерентности, меѓу другото во однос на миграцијата и почитувањето на одредени правила, изјави Макрон.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

18.10.2019 - 15:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа