Францускиот претседател Емануел Макрон, за време на денешното обраќање на Светскиот економски форум во Давос, порача дека претпочита „почит пред грубата сила“ и „владеење на правото пред бруталноста“. Дипломатските кругови овие зборови ги толкуваат како директен одговор на надворешната политика на американскиот претседател Доналд Трамп, кој најави формирање на нов глобален „Совет за мир“ под контрола на САД.
Макрон ја истакна посветеноста на Франција и Европа кон постојните меѓународни институции и меѓународното право:
– „Франција и Европа се посветени на националниот суверенитет и независност, како и на Обединетите нации и нивната Повелба. Сакам да го направам Г-7, со кој годинава претседава Франција, форум за отворен дијалог и за колективни и кооперативни решенија“, рече Макрон.
Тој, исто така, предупреди дека Европа располага со „многу моќни“ инструменти во областа на трговијата и дека нема да се двоуми да ги искористи доколку не биде почитувана, реферирајќи на заканите на Трамп за воведување нови царини.
– „Конкуренцијата од Соединетите Американски Држави преку барање максимални отстапки отворено цели кон слабеење и потчинување на Европа“, додаде Макрон.
Францускиот претседател потврди дека за време на форумот во Давос не планира средба со американскиот колега.

