Макрон утре ќе ги прими Трамп и Зеленски

 

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе присуствува утре на церемонијата за отворање на обновената катедрала „Нотр Дам“ во Париз, на која се очекува да присуствуваат и новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп, како и други државни и владини лидери.

Во соопштението од Елисејската палата се наведува дека францускиот претседател Емануел Макрон ќе го прими Зеленски пред почетокот на церемонијата. Исто така, се најавува дека претходно ќе има и средба со Трамп.

Неименуван извор од Украина соопшти дека постои можност за средба меѓу Зеленски и Трамп надвор од официјалната програма, пренесува Укринформ.

На церемонијата ќе присуствуваат околу 40 државни и владини лидери, вклучувајќи ги германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, италијанскиот претседател Серџо Матарела, полскиот претседател Анджеј Дуда, хрватскиот претседател Зоран Милановиќ и други. Американскиот претседател Џо Бајден нема да присуствува, но ќе биде претставуван од својата сопруга Џил Бајден.

Францускиот претседател Макрон ќе одржи говор, по што ќе бидат отворени вратите на обновената катедрала, а ќе биде прочитана и порака од папата Франциск, кој претходно ја одби поканата за лично присуство.

06.12.2024 - 23:28

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега