Макрон по кандидатскиот статус на Украина: Ова е порака до Русија

 

Еден од најмоќните европски политичари, францускиот претседател Емануел Макрон, ја поздрави одлуката Украина да добие официјален статус на земја кандидат за членство во Европската Унија, пишуваат медиумите.

„Ова е историска одлука која испраќа силен сигнал до Русија во сегашниот геополитички контекст“, изјавил Макрон.

Синоќа, според анализите во светските медиуми, европските и украинските лидери ја дочекаа одлуката со ентузијазам.

Според оценките во новинарските извештаи, дури и кога славеа Киев и Кишињев, другите водачи на ЕУ предупредија дека статусот е главно симболичен, со години реформи и преговори пред да се планира вистинското членство.

„Ова му го должиме на украинскиот народ. Тие се борат за нашите вредности“, рече Макрон.

„Од првиот ден на овој конфликт, Европа реагираше на брз, историски и обединет начин. Прво со санкции, потоа со макроекономска, воена и финансиска поддршка, а сега со овој политички гест“.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, исто така, го нарече „историски момент“ и „клучен чекор“ на патот на Украина и Молдавија кон ЕУ.

„27 пати да! изјави германскиот канцелар Олаф Шолц, осврнувајќи се на бројот на земји-членки. Еве добра соработка во европското семејство!“

Белгискиот премиер Александар Де Кру исто така ја пофали „симболичната порака“ на одлуката на ЕУ, но истакна дека тоа не значи дека Киев наскоро ќе се приклучи на блокот. „Тоа е долгорочен процес со многу реформи што ќе биде многу тежок“, рече тој.

Процесот на пристапување во ЕУ се состои од 35 поглавја и може да биде суспендиран или откажан во секое време. Euronews го опиша како „долготрајно, сложено и често болно“. Откако станаа кандидати, Украина и Молдавија им се придружуваат на Албанија, Северна Македонија, Црна Гора, Србија и Турција во чекалната на ЕУ. Анкара е кандидат од 1999 година. Во меѓувреме, поранешната советска република Грузија доби само „перспектива“ за ЕУ, а кандидатурата зависи од натамошните политички реформи, пренесуваат гласилата.

24.06.2022 - 10:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа