Макрадули ќе формира научно-советодавно тело за намалување на загадувањето

Заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули деновиве организира серија научни работилници на државните универзитети за намалување на загадениот воздух.

– Верувам дека тоа ќе стане наша реалност од следната зима и дека граѓаните ќе можат да знаат што ги очекува во следните три до пет дена. Во една поинтензивна соработка меѓу универзитетите и факултетите очекувам не само решенија што ќе бидат применливи, туку и решенија кои ќе бидат место и плодна почва за аплицирање на многу меѓународни проекти за да можеме со повеќе ресурси да се справуваме со аерозагадувањето, напомена заменик-министерот вчера во Штип.

Според Макрадули, набавката на нови автобуси во Скопје и донесувањето на законот за возила по претседателските избори со кој ќе се намали увозот на стари, половни автомобили, се само дел од мерките кои би требало да го намалат загадувањето.

-Очекувам Собранието, во моментот кога ќе почне да работи, да го донесе законот за возила и тоа е една од мерките со кои, сметам, ќе се зголеми бројот на нови возила и ќе се намали бројот на старите што се увезуваат. Исто така, и подобрување на јавниот транспорт, како што е набавката на новите автобуси во Скопје. Тие се методите и во тој правец одиме, истакна Макрадули, додавајќи дека работна група составена од претставници на министерствата  за животна средина и за финансии, како и од Царинската управа, веќе работат на регулирање на таксите што се плаќаат врз основа на издувните гасови.

Советодавното тело во кое ќе членуваат универзитетски професори и експерти  ќе треба, меѓу другото, сите досега добиени резултати, апликации и податоци да ги стави на едно место и во служба на ефикасна имплементација. 

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

12.04.2019 - 09:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега