Македонските и бугарските историчари не се усогласиле за Охридската архиепископија

Имавме навистина напорна и тешка средба. Два дена дискутиравме само за учебниците по историја и имаше позитивна и конструктивна атмосфера, меѓутоа не дојде до договор. Бевме блиску, можно е да се постигне договор, ние сме оптимисти и ќе продолжиме со таа надеж и следната година да дискутираме на тие теми, изјави копретседателот Драги Ѓоргиев, по завршувањето на дводневниот состанок на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија.

Дебатата во овие два дена според Ѓоргиев била за Охридската архиепископија, и една од забелешките од колегите од Бугарија е дека, тие сакаат да се промени начинот на кој таа е претставувана во нашите учебници.

Договор за некои од забелешките за учебниците за седмо одделение, според Ѓоргиев, не бил постигнат поради недоразбирања околу изворите и различното толкување на минатото.

– Тие различни пристапи во толкувањето на изворите од средновековието, прават и ние да имаме различен пристап во правењето на препораките за учебниците. И тоа е очигледно еден од главните камења на сопнување во работата на комисијата, изјави Ѓоргиев.

Според него, кај колегите од Бугарија има еден пристап во кој тие овие прашања ги креваат на ниво на дебата на историографии.

– Овде станува збор за препораки за учебници со кои треба да се надминат одредени недразбирања за да се подобрат учебници во двете држави, а не да се постигне некаква согласност меѓу историографиите во Македонија и Бугарија.Тука некаде настанува конфликтот околу кој не можеме да се разбереме и да го надминеме тоа, изјави Ѓоргиев.

Дебатата за бугарските учебници, посочи дека е завршена пред година и половина и има седум препораки кои треба да бидат применети.

–  За учебниците во бугарскиот образовен систем има усвоено седум наши препораки кои треба да бидат имплементирани. И со тоа заврши дебатата за бугарските учебници. На тоа ниво петти и шести клас, кај нас соодветно е шесто и седмо одделение и сега расправаме за нашите учебници, изјави Ѓоргиев.

Претседавачот на бугарскиот дел од комисијата Ангел Димитров, потврди дека главна тема на средбата во изминатите два дена била како да биде претставена Охридската Архиепископија во учебниците и оти и покрај првичните очекувања, конкретни резултати не се постигнати.

– Јас разбирам дека тоа е многу важна тема, и се надевавме и бевме многу блиску до резултатот. Што се случи не знаеме, но ќе продолжиме на следната средба која ќе биде прва за наредната година во Софија. Ветувам дека ние ќе направиме се што е можно да има позитивни сигнали и добри резултати. Така што, завршивме за оваа година, а посакувам поуспешна да биде следната година за граѓаните на двете држави, кажа Димитров.

Прашан што конкретно барала бугарската страна, тој одговори дека инсистирале да се запазат научните принципи и мултиперспективноста.

– Мултиперспективност во образованието значи во еден рок да бидат претставени гледните точки на сите учесници. Станува збор за историските случувања, а не современите држави да имаат право на своја различна гледна точка. Во историјата не може да има две коренити основоположни гледни точки кои се валидни. Едната е валидна, другата не е. Која е вистинската? Таа се определува од два научни принципа. Едниот е и тој е основата во историската наука – е почитувањето на фактите и историските извори, а другиот е со усогласување со доминантната позиција во светската наука. Од таа страна ние сме спокојни запазувајќи ги научите принципи, рече Димитров.

За забелешките на членови од македонскиот дел на комисијата дека нивните бугарски колеги го спорат макеоднскиот јазик и идентитет, Димитров кусо одговори дека „тоа нема никаково значење и не е тема на разговор“.

25.11.2022 - 18:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега