Над 200 претставници на бизнис-секторот, инвеститори и експерти денеска се собираат во Скопје на првото издание на Global Trade & Growth Forum 2026, посветено на можностите за поголем извоз, привлекување инвестиции и поврзување на македонските компании со странските пазари.

Настанот го организира Швајцарско-македонската стопанска комора (SwissCham North Macedonia), во стратешко партнерство со меѓународната логистичка компанија Mediterranean Shipping Company (MSC). Форумот се одржува со поддршка на Швајцарија преку Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) и Државниот секретаријат за економски прашања (SECO), како и програмите IME, SIPPO и SwissEP.

Во фокусот ќе бидат начините за зголемување на конкурентноста на домашните компании, подобро искористување на трговските коридори и надминување на логистичките предизвици при настапот на меѓународните пазари.

Од SwissCham посочуваат дека во услови на засилена глобална конкуренција и промени во синџирите на снабдување, пристапот до нови пазари и воспоставувањето меѓународни деловни контакти се од особено значење за растот на македонската економија.

„Нашата амбиција е Global Trade & Growth Forum да прерасне во платформа која ќе отвора конкретни можности за македонските компании – од подобра логистичка поврзаност до пристап до меѓународни пазари и нови деловни партнерства“, изјави претседателката на SwissCham North Macedonia, Соња Стефановска.

Преку форумот, организаторите очекуваат да се отворат нови можности за соработка меѓу домашните компании, странските инвеститори и меѓународните деловни партнери, со цел зајакнување на извозниот потенцијал и долгорочниот економски раст.

Exit mobile version