Денеска во Владата се официјализира договорот со Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), со кој ќе се обезбедат 21 милион евра за целосна обнова на возниот парк на ЖРСМ Транспорт. На свеченото потпишување, покрај премиерот Христијан Мицкоски, присуствуваат и претставници на ЕБРД и ресорното Министерство за транспорт.
Средствата се наменети за набавка на најмалку пет нови електрични локомотиви, кои треба да бидат столбот на модернизацијата на железничкиот карго превоз во земјава. Според најавите, тендерот за набавка ќе биде објавен во март следната година, а првите локомотиви се очекуваат на шините до 2028 година.

