Македонија и Косово потпишаа Меморандум за јакнење на соработката во граничното интегрирано управување

 

Побрза размена на информации за проток на патници и стоки преку граничните премини, борба против корупцијата и борба против тероризмот, е целта на Меморандумот за зајакнување на соработката во областа на граничното интегрирано управување, што денеска го потпишаа националните координатори за гранично управување на Македонија и Косово, Владимир Пивоваров и Иса Џемајлај.

– Денеска потпишуваме Меморандум за соработка меѓу националните координативни центри меѓу Македонија и Косово, што во суштина ќе овозможи побрза размена на информации за побрз проток на патници и стоки преку граничните премини, борба против корупцијата и борба против тероризмот. Тоа се трите основни работи кои треба да имаат позитивен бенефит од овој договор, рече Пивоваров.

Според него, со брзата размена на информации она што досега претставувало проблем ќе биде надминато, пред се во побрзиот проток на патници и стоки, со што на граѓаните, особено на бизнис заедницата, и од Македонија и од Косово, ќе им се овозможи поголем промет и профит.

Рече дека со Косово веќе имале соработка на овој план изминатово лето, кога имало технички проблеми во сообраќајот на косовска страна, но благодарение на оперативните служби во Македонија и во Косово, пред се на царината и полицијата, овој проблем беше надминат и воопшто не дошло до застој на размена на стоки и услуги меѓу Македонија и Косово.

-Со овој протокол покажуваме и еден пат кон Европа ова е и поттик за сите земји во регионот, подобро да соработуваат со доверба меѓу двете страни со цел да ја постигнеме заедничката цел, рече Пивоваров.

Во однос на вчерашната одлука на Влада кога е усвоена потреба од заедничко гранично управување со Србија, и дали е предвидено тоа да се направи и со други држави, Пивоваров рече дека побрзиот проток на стоки и патници е заложба на сите земји во регионот, не само на Македонија.

– Ова е интенција што Македонија прва ја почна во регионот за побрз проток на патници и стоки, што во периодот што измина беше сериозен проблем. Околу милијарда долари економиите на Балканот губат годишно заради слабиот проток на стоки. Затоа првиот проекте почнат со Албанија и со Србија, се очекува вистински побрз проток во рамки на „one stop shop“ проектот и институциите од Македонија и Србија се овластени да потпшат договори од областите во кои имаат заеднички интерес, посочи Пивоваров.

Џемајлај рече дека со потпишувањето на Меморандумот се олеснува размената на стоки и услуги меѓу Македонија и Косово.

Рече дека ова е втора негова средба со македонскиот колега, на која денеска беше потпишан овој документ.

На потпишувањето на меморандумот, како што рече Џемајлај, претходеле соодветни активности во министерствата за внатрешни работи и во царините на двете држави, и пред се со него во иднина ќе се унапреди соработката во борбата против организираниот криминал, но ќе биде олеснето и движењето на граѓаните меѓу двете земји. 

 

 

 

07.11.2018 - 15:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега