Македонија денеска ги одбележува двата Илиндена – 123 години од Илинденското востание и Крушевската Република и 82 години од Првото заседание на АСНОМ, кои претставуваат двата најзначајни настани за македонската државност.
Централниот настан традиционално ќе се одржи во Крушево, каде што ќе се обрати потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски.
Одбележувањето започнува со положување цвеќе на гробот на Никола Карев и на споменикот на хероите на месноста „Слива“, по што ќе се одржи панихида во храмот „Св. Никола“.
На народниот собир на Мечкин Камен ќе се одржи церемонија на положување цвеќе на Споменикот на бранителите на Крушевската Република, а програмата ќе продолжи со настап на ансамблот „Танец“.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе се обрати на свеченоста во Скопје, пред споменикот на Методија Андонов – Ченто на плоштадот „Македонија“, а ќе положи цвеќе и пред спомениците на Никола Карев и АСНОМ.
Премиерот Христијан Мицкоски ќе се обрати во Меморијалниот центар во Пелинце, каде што се одбележува 82-годишнината од Првото заседание на АСНОМ.
Традиционално, во селото Трново ќе се одржи 55. Светска македонска иселеничка средба и 46. Погранична средба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија.
Илинденското востание започнало на полноќ спроти Илинден 1903 година кога околу 800 востаници го ослободиле Крушево. Крушевската Република траела десет дена под раководство на Никола Карев, пред да биде угушена од 18-илјадна османлиска војска.
Четириесет и една година подоцна, во манастирот „Св. Прохор Пчињски“, 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ под претседателство на Методија Андонов-Ченто, со што е потврдена македонската државност и е конституиран македонскиот јазик како службен.


