Полицајците од Килкис, Северна Грција, уапсија едно лице кое било фатено како управува мотоцикл со брзина од 223 км/ч, на место каде што ограничувањето е 110 км/ч, информираа од регионалната полициска дирекција, а според грчките медиуми станува збор за македонски државјанин, јави дописничката на МИА од Атина.

Уапсениот, 49-годишен македонски државјанин, бил запрен на автопатот Солун-Евзони, кој води кон граничниот премин со Северна Македонија. Како што јавува државната телевизија ЕРТ, на лицето му биле одземени возачката дозвола и регистарските таблици, му е изречена казна од 700 евра, а денеска ќе биде изведен пред јавен обвинител.

Од Генералната регионална полициска дирекција на грчката област Централна Македонија на социјалните мрежи објавија и фотографии од радарот што ја регистрирал брзината, како и од самиот мотоцикл.

Exit mobile version