Македонец сакал да летне во авион со 80.000 евра - друг сакал да шверцува вештачки заби

Царинските службеници на крајот на минатиот и првите десетина дена од овој месец, откриле повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани девизи, автоделови, ремени за прицврстување стока, електромотор, мобилни телефони, стоматолошки материјали, овошје и зеленчук, скијачка облека и фалсификати.

82.000 евра и 7.500 американски долари откриени биле на Меѓународниот Аеродром Скопје, при контрола на багаж и личен претрес на еден македонски и еден турски државјанин.

Во првиот случај, за контрола бил селектиран македонски државјанин кој имал намера да отпатува со лет за Истанбул. На прашање на царинските службеници, патникот изјавил дека носи пари, но не го кажал износот. При личен претрес на патникот, во џеб од неговата јакна, во џеб од панталоните, во паричник и во долната облека, како и при преглед на куферот на патникот, во книга и во несесер, биле пронајдени вкупно 82.000 евра во апоени од по 500 евра.

Согласно законските прописи, на патникот му биле вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, додека 80.000 евра биле привремено задржани, а за сторениот девизен прекршок ќе биде поведена прекршочна постапка.

Во вториот случај, при личен претрес на турски државјанин кој допатувал со лет од Истанбул, во неговата рачна ташна биле пронајдени 19.000 американски долари. Согласно законските прописи на патникот му биле вратени 11.500 долари, противвредност на 10.000 евра, износ што може слободно да се внесе во државата, додека 7.500 американски долари се привремено задржани. За сторениот девизен прекршок против патникот ќе биде поведена прекршочна постапка.

Три килограми восок „Cerewax“, 50 плочки восок „ARCAS LC“, 364 вештачки заби од марките NT OPTIMA, Mega Plus и ERAY, 500 милилитри течност за моделирање Vision Modelling Liquid, 30 стругалки, 500 месингани колчиња и 1 сајла за мотор, откриени биле од страна на мобилните царински тимови, при контрола на бугарски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Ново Село.

Производите, пронајдени под предните седишта на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

18.12.2018 - 16:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега