Мајмунските сипаници нападнаа неколку држави во Европа

 

Германија го потврди првиот случај на мајмунска сипаница, а нови случаи на зараза пријавија Италија, Шпанија, Франција и Велика Британија, јавуваат светските агенции.

Медицинската служба на германските вооружени сили денеска соопшти дека го потврдила првиот случај на мајмунска сипаница.

„Институтот за микробиологија на германските вооружени сили во Минхен сега, исто така, несомнено го откри вирусот на мајмунска сипаница, за првпат во Германија на 19 мај 2022 година, кај пациент со карактеристични кожни лезии“, соопшти медицинската служба.

Германски министер: Претпоставуваме дека вирусот не се пренесува така лесно

Германскиот министер за здравство Карл Лаутербах изјави дека врз основа на достапните информации, тој претпоставува дека вирусот не се пренесува така лесно и дека неговото ширење може да се спречи доколку здравствените власти брзо дејствуваат.

Италија потврди уште два случаи на инфекција со вирусот на мајмунска сипаница во болницата Спаланцани во Рим, со која досега се заразени вкупно три лица во земјата. Болницата соопшти дека првото заразено лице престојувало на Канарските Острови.

Регионалните власти во Мадрид пријавија 14 случаи на зараза, со што вкупно 21 лице во Шпанија.

Шпанската министерка за здравство Каролина Даријас изјави за новинарите дека пациентите во земјата досега имале благи симптоми.

Заразата е потврдена во Германија, Франција, Италија, Велика Британија, Шпанија, Португалија, САД…

Велика Британија потврди единаесет нови случаи, рече министерот за здравство Саџид Џавид. Земјата претходно пријави вкупно девет случаи на лесни заболувања. Британските здравствени власти нудат вакцина против сипаници на здравствените работници и на другите кои можеби биле изложени на вирусот. Тоа го прават властите и во другите делови на Европа, вклучително и Португалија.

И Франција е зафатена од мајмуни сипаници, пренесува АФП.

Од 14 мај, случаи на зараза со вирусот на мајмунска сипаница се откриени и во Португалија, Канада, САД, Белгија и Шведска.

20.05.2022 - 17:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа