Мајка обвинува: Ќерка ми умре, бидејќи не ѝ пружија помош во Ургентниот центар

Државниот и санитарен инспекторат постапува по случајот во кој мајка обвинува дека нејзината 22-годишна ќерка починала затоа што не добила соодветна медицинска помош во Ургентиот центар на скопските клиники, пренесува „Слободен печат“. Случајот мајката го сподели со јавноста во контактна емисија на ТВ24, по што видеото почна да се споделува по социјалните мрежи .

Мајката раскажува дека откако се влошила здравствената состојба на нејзината ќерка повикала Брза помош, која, како што вели мајката, навистина дошла брзо. Проблемите почнале кога возилото стигнало до Ургентниот центар.

– Додека се возевме со возилот на Итна помош докторката се јавуваше во Ургетниот центар за да најави дека има пациент во тешка состојба и точно кажа какви специјалисти треба да го пречекаат пациентот. Но кога дојдовме до Ургентниот, тој прво беше затворен, а потоа немаше кој да пружи помош. Половина час мојата ќерка лежеше и на крај констатираа дека умрела, па уште и докторот од Ургентен ја искара докторката од Итна помош што донела починат пациент – раскажува мајката.

Мајката вели и дека била повикана полиција и обвинител. Полицајците дошле, но не постапиле, а обвинителот не се ни појавил. За случајот, вели таа, испратила писмо и до министерот за здравство Венко Филипче и до премиерот Зоран Заев.

Во врска со овој случај од Ургентниот центар ги демантираат изјавите на семејството.

– Апсолутно не е точно дека навреме не е пружена медицинска помош. Но ние не сме семоќни пациентката беше донесена почината кај нас – вели д-р Алберт Леши раководител на Ургентен центар.

Директорката на здравствениот и санитарен инспекторат, Ирина Бухова, објансува дека за случајот постапуваат по допрен глас од медиумите.

– Инспекторатот ќе направи вонреден инспекциски надзор во сите здравствени институции каде пациентката била третирана тој ден, по што ќе излезе со став за тоа како ќе се постапува понатаму – вели Бухова.

На случајот добро се сеќаваат во Итната помош, но оттаму велат дека тие немаат право да даваат информации на медиумите, но сепак Санитарниот инспекторат детално ќе информира за случајот, пренесува „Слободен печат“.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

10.10.2019 - 18:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега