Намалената видливост поради маглата и предновогодишните веселби го вклучија алармот во Министерството за внатрешни работи. Само во периодот од 15 до 20 декември, на територијата на СВР Скопје се регистрирани дури 53 сообраќајни незгоди.

Портпаролот на МВР, Гоце Андреевски, упати итен апел до возачите за максимална внимателност, особено во услови на густа магла. Тој потенцираше дека во овој период на забави, граѓаните никако не смеат да седнуваат зад волан доколку конзумирале алкохол.

Покрај сообраќајот, полицијата ги засилува и активностите за сузбивање на нелегалната употреба на пиротехника, предупредувајќи дека петардите можат да предизвикаат трајни последици по здравјето, особено кај младите.

„Министерството за внатрешни работи апелира до сите учесници во сообраќајот во услови на намалена видливост да бидат крајно внимателни при управување на возило. Воедно, апелираме до граѓаните во овој период на предновогодишни забави и семејни веселби, да не седнуваат зад воланот доколку претходно конзумирале алкохол. На територија на СВР Скопје во периодот од 15-20.12.2025 констатирани се 53 сообраќајни незгоди. Сообраќајните контроли продолжуваат со засилен интензитет. Апелираме и до учесниците во патниот сообраќај да бидат внимателни и во целост да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, задолжително да поседуваат зимска опрема и да не седнуваат зад воланот под дејство на алкохол. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат законските прописи и да соработуваат со полицијата. Сите нарушувања на јавниот ред и мир да ги пријават во полициска станица или преку телефонските броеви 192 или 112“, изјави Андреевски.

Exit mobile version