Новиот лидер на унгарската политичка сцена, Петер Маѓар, чија партија „Тиса“ однесе убедлива победа на изборите, упати сериозна порака до поранешниот македонски премиер Никола Груевски и поранешни високи полски функционери. На својата тричасовна конференција, Маѓар најави крај на периодот во кој Унгарија служеше како прибежиште за странски осуденици.
Маѓар направи директна паралела меѓу случајот на Груевски и полските политичари Збигњев Зиобро и Марчин Романовски, нагласувајќи дека новата власт нема да толерира лица со меѓународни пресуди на своја територија.
Во својата изјава тој беше дециден за статусот на поранешниот македонски премиер:
„Мислам дека зборував многу јасно за ова претходно, дека предложив да не купуваат никаков мебел во Унгарија од ‘Икеа’, бидејќи нема да останат долго. Унгарија нема да биде засолниште за меѓународни криминалци. И тоа не важи само за нив, туку и за г-дин Никола Груевски, поранешниот македонски премиер, кој исто така е осуденик. Поранешниот премиер на Македонија, Никола Груевски, е меѓународен криминалец и не треба да биде во Унгарија.“
По 16 години владеење на Виктор Орбан, победата на Маѓар најавува радикални промени во унгарската надворешна политика и во односот кон европската правосудна соработка.


