Од 1 јануари 2026 година, посетителите кои не се од земјите на Европската Унија ќе плаќаат 30 евра за влез во музејот Лувр во Париз – осум евра повеќе од сегашната цена од 22 €.
Одлуката е дел од новиот модел на т.н. „passport-based pricing“, со кој најпознатиот музеј во светот воведува различни цени во зависност од потеклото на посетителите. За граѓаните на ЕУ, билетот ќе остане 22 евра, бидејќи европското законодавство бара еднаков третман за сите државјани на Унијата.
Причината за зголемувањето, како што наведуваат француските културни институции, е растечкиот трошок за реставрација, одржување на историските згради и модернизација на системите за контрола на температурата и влажноста, неопходни за заштита на уметничките дела.
Според проценките, Лувр ќе остварува околу 20 милиони евра дополнителен приход годишно благодарение на новиот систем. Парижкиот музеј не е единствен во ова — Версај, Шамбoр, Опера Гарние, Консиержери и Триумфалната порта планираат да го применат истиот принцип во 2026 или 2027 година.
Дел од француската јавност ја поддржува мерката, оценувајќи дека е фер странските туристи да плаќаат повеќе, бидејќи токму тие сочинуваат најголем дел од посетителите. Други, пак, сметаат дека потегот е спротивен на духот на културата и гостопримството на Франција.
Моделот на „поскоп билет за туристи“ одамна го користат музеи во Њујорк и Лондон, а Франција сега го воведува за првпат на национално ниво.
Со повеќе од 8,9 милиони посетители во 2024 година, Лувр останува најпосетуваниот музеј на планетата