Локализиран пожарот кај село Девич, Бродско

 Пожарот кој вчера околу 14 часот избувна во атарот на село Девич, Бродско, е локализиран ноќеска по полноќ, со помош на армиски единици и ТППЕ Македонски Брод.

Секретарот на Општина Македонски Брод, Пецо Стојкоски, информираше дека пожарот се појави во непосредна близина на селото и ако навремено не се интервенираше ќе беа опожарени и дел од селските куќи. Сепак, како што кажа, од огнената стихија не можеше да се спаси една плевна која целосно изгоре во синоќешниот пожар.

– Најверојатно, поради човечка негрижа, ноќеска околу 2 часот во атарот на село Девич избувна голем шумски пожар со кој беше опожарена поголема површина на шуми а поради близината на огнената стихија постоеше опасност пожарот да зафати и дел од селото. По интервенцијата на околу 40 војници од кичевската касарна и вработените во Територијалната протипожарна единица од Македонски Брод, пожарот е локализиран, но, за да не дојде до негово реактивирање , крај истиот непрекинато дежураат екипи на шумското стопанство. Војниците на огнот дејствуваа со рачен алат, додека, од ТППЕ Македонски Брод беше употребено едно противпожарно возило, рече Стојкоски.

Тој посочи дека ова е втор голем пожар во Порече за кратко време, по пожарот кај село Белица. Поради сувото време и неодговорноста на поединци се стравува и од нови шумски пожари. 

03.08.2021 - 13:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега