Во судницата во Идризово денеска продолжи судењето за пожарот во кочаниската дискотека „Пулс“, каде свои искази дадоа законските застапници на оштетените. Највпечатливо беше сведочењето на мајката на 24-годишниот Андреј Петрушев, кој загина во кобната ноќ на 16 март.
Таа пред судот ја опиша својата болка, нагласувајќи дека нејзиниот син бил повикан на испомош во „Пулс“ од сопственикот Дејан Јованов само неколку часа пред трагедијата. Иако бил уморен по смената во ресторан каде работел, Андреј сепак отишол во дискотеката.
„Сега дури сум љубоморна на една личност, што е најодговорна за тоа што се случи, што неговиот син е покрај него, а мојот никогаш нема да се врати“, изјави мајката, алудирајќи на првообвинетиот Јованов и неговиот син кој е исто така обвинет.
Мајката детално го опиша ужасот во болницата во Кочани и негирањето на реалноста кога го видела телото на својот син кое немало видливи изгореници. Таа додаде дека нејзиниот преживеан син, Кристијан, до денес се бори со тешки трауми и кошмари, обвинувајќи се себеси што не успеал да го извлече брат си од огнот.

